Итна дезинсекција во Општина Гази Баба поради бројот на случаи со западнонилска треска

Поради зголемениот број на регистрирани случаи на западнонилска треска, Општина Гази Баба во координација со Центарот за јавно здравје презема навремени и засилени превентивни мерки за заштита на здравјето на граѓаните, објави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

„Одделението за заштита и спасување, во соработка со Центарот за јавно здравје, спроведе итна дополнителна терестичка адултицидна дезинсекција на повеќе локации низ општина Гази Баба. Со третманот се опфаќаат критичните и приоритетни локации, а превентивното делување ќе продолжи и во наредните денови, согласно состојбата и препораките на надлежните институции“, објави тој.

Стефковски вели дека нема простор за паника, но потребни се внимателност и одговорност.

„Надлежните служби ја следат состојбата и се преземаат сите неопходни мерки и активности со цел намалување на ризикот и заштита на населението. Апелираме и до граѓаните да придонесат во превенцијата – да не оставаат садови и површини со застоена вода во дворовите, на терасите и околу домовите, бидејќи тие претставуваат погодна средина за размножување на комарците“, вели Стефковски.

Scroll to Top