Мјузиклот „Као Какао“ ја започнува новата театарска сезона со две изведби, на 10 и 11 септември во МНТ. Ова се првите изведби по премиерата во јуни, кои беа проследени со исклучителен интерес од публиката и позитивни реакции, и по фестивалското лето во Битола, Охрид и Будва. Двете септемвриски изведби веќе се пред распродавање.

Зад „Као Какао“ е лето во кое продукцијата беше дел од програмите на три значајни фестивалски сцени во земјава и регионот. Мјузиклот го отвори Битолското културно лето, беше избран за завршна претстава на Охридско лето, а потоа гостуваше и на Град театар Будва, на препознатливата сцена меѓу црквите во Стариот град. Со тоа, уште во првите месеци од својот сценски живот, „Као Какао“ доби можност да се претстави пред различна публика и надвор од својата матична сцена.

Со јунските изведби и фестивалските гостувања во Битола, Охрид и Будва, „Као Какао“ досега го видоа околу 6.000 гледачи во две држави. Фестивалските изведби го продолжија премиерниот импулс на мјузиклот и го заокружија неговото прво лето пред почетокот на целосната театарска сезона.

„Као Какао“ е оригинален македонски мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски. Автор на текстот и драматург е Венко Андоновски, режијата е на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска. Продуцент на мјузиклот е Баги Комуникации.

Во „Као Какао“, музиката на Влатко Стефановски добива нов сценски живот во оригинална драмска приказна создадена за театар. Големата актерска екипа, музичарите во живо, кореографијата, сценографијата и костимите функционираат како една целина, во продукција која ги спојува драмскиот театар и музиката во формат што ретко се поставува во ваков обем на домашната сцена.

Со изведбите на 10 и 11 септември, од 20 часот во МНТ, „Као Какао“ ја отвора својата прва целосна театарска сезона. Интересот за двете претстави е голем и тие се пред распродавање. Преостанатите влезници се достапни онлајн преку платформата Wayin.mk.
Наскоро ќе бидат објавени датумите за изведбите на „Као Какао“ до крајот на годината.
ја започнува новата театарска сезона со две изведби,







