Кисела Вода и Илинден ќе добијат нови полициски станици

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска потпиша Меморандум за соработка со градоначалниците на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и Општина Илинден, Александар Георгиевски, за изградба на нови полициски станици во овие две општини со цел унапредување на безбедноста и подобрување на услугите кон граѓаните.

Со Меморандумот се уредува начинот на меѓусебна соработка помеѓу институциите, со акцент на поефикасно спроведување на законските надлежности согласно Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, како и реализација на заеднички проекти од јавен интерес.

Во рамки на оваа соработка, за првпат е предвидена изградба на полициска станица во Општина Илинден, како и изградба на нов објект на полициска станица во Општина Кисела Вода, што ќе придонесе за зголемено полициско присуство, побрза реакција и повисоко ниво на безбедност за граѓаните.

Соработката ќе се реализира преку заеднички проектни активности за изградба на нови објекти предвидени во урбанистичките планови, како и преку други иницијативи од взаемен интерес.

„Овој Меморандум претставува значаен чекор кон јакнење на институционалната соработка и создавање побезбедна средина за граѓаните. Со изградбата на нови полициски станици директно вложуваме во зголемување на безбедноста, но и во унапредување на квалитетот и достапноста на услугите што Министерството ги обезбедува. Нашата цел е да бидеме поблиску до граѓаните и да одговориме навремено и ефикасно на нивните потреби“, истакна министерот Тошковски.

Scroll to Top