Командантот на Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Неапол (Joint Force Command Naples – JFCNP) адмиралот Џорџ М. Викоф, кој е во прва работна посета на Армијата, денес оствари одвоени средби со министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На средбата, министерот Мисајловски се заблагодари за поддршката од Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол за македонските контингенти во мисијата КФОР на Косово и мултинационалните сили на Алијансата на источното крило, притоа истакнувајќи дека државата е кредибилен сојузник и активен придонесувач во зацврстувањето на безбедноста на НАТО.
„Посветени сме на зацврстувањето на регионалната сигурност, како и на колективната безбедност на Алијансата, а доказ за тоа е континуираниот придонес на македонските војници во мисијата на НАТО во Косово, КФОР и мултинационалните сили на Алијансата на источното крило“, рече министерот.
Тој се осврна и на воената мобилност, при што истакна дека државата вложува во развојот на Коридорот 8, како клучен коридор во поврзувањето на Црното со Јадранското Море.
На средбата со генералот Лафчиски се разговараше за актуелната безбедносна состојба во регионот, постигнувањето на НАТО целите на способност, можностите за реализација на вежбовни активности на македонска територија, како и унапредување на интероперабилноста и натамошното зајакнување на соработката во рамки на Алијансата.
Генералот Лафчиски ја истакна посветеноста на Армијата во одржување на високото ниво на подготвеност и професионалност, како и активниот придонес кој Армијата го дава во рамки на мировните мисии КФОР и АЛТЕА, и НАТО активноста „Forward Land Forces“.
Адмиралот Викоф ја поздрави професионалноста и придонесот на Армијата и Министерството за одбрана во рамките на НАТО, изразувајќи поддршка за понатамошно продлабочување на партнерството и соработката со Алијансата.
На денешните средби беше истакната важноста од заеднички и координиран пристап во зачувувањето на стабилноста и безбедноста на регионот.
Во рамки на посетата, адмиралот Викоф ќе биде примен и од претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова.







