Вечерва во 19 часот, КИЦ Белрад ќе биде домаќин и организатор на концерт на музичкиот ансамбл „Македониум“ од Белград, со наслов „На срце ми лежи, мила мамо“. И самиот наслов асоцира дека на вечерашнава програма ќе се најдат грст изворни и новосоздадени македонски песни, со кои ансамблот веќе повеќе од 10 години стекнува симпатии како меѓу публиката од македонската заедница во Србија, така и меѓу српската публика, каде и да настапува.
Концертот кој се организира во партнерство со Здружението на Македонците во Белград „Македониум“, ќе го отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, а овој концерт е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Ансамблот „Македониум“ е основан во 2015 година, со цел да бидат сочувани, негувани и популаризирани старите македонски изворни песни, да се сочуваат и почитуваат старите обичаи, како и да се афирмираат песните од современото македонско музичко творештво.
Ансамблот има настапувано скоро на сите поголеми манифестации во рамките на македонската заедница во Србија, како што се „Деновите на македонска култура“ во Нови Сад, централните македонски прослави поврзани со нашите големи празници, како што традиционалните празнувања на Илинден во Јабука и Качарево, а ансамблот бил и претставник на Македонскиот национален совет во рамките на Саемот на националните малцинства во Белград, како и претставник на меѓународниот фестивал „Експлорес“.







