Мраз произведуван во нехигиенски услови и со бактерии од фекално потекло со години бил продаван во Радовиш. Полицијата поднесе кривична пријава против двајца 62-годишни радовишани поради постоење на основано сомневање дека извршиле продолжено кривично дело „производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други продукти“ по член 213 од Кривичниот законик.
„Пријавените повеќе години наназад, како нерегистрирани производители на мраз, вршеле производство на мраз во импровизирани и нехигиенски услови и така небезбедно произведен го пуштале во промет на други правни и физички лица“, велат од МВР.
Мразот се продавал по принцип на самопослужување
На 16 септември, по судска наредба, полицијата заедно со државен инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство извршила претреси на четири локации што ги користеле двајцата.
Во приземниот дел од куќата, на терасата, биле пронајдени замрзнувачи полни со кеси со коцки мраз. Мразот бил оставен за продажба по принцип на самопослужување – купувачите сами земале кеса, а парите ги оставале во посебна кутија.
Во подрумот биле пронајдени четири машини за производство на мраз и уште еден фрижидер-замрзнувач со поголема количина спакуван мраз.
Вкупно биле пронајдени и одземени околу 850 килограми готов мраз.
Во мразот пронајдени ешерихија коли и колиформни бактерии
Од водата што се користела за производство, готовиот мраз и опремата биле земени примероци и испратени на анализа во акредитирана лабораторија.
Резултатите покажале дека водата што се користела како суровина ги исполнувала бараните услови за безбедност и квалитет.
Но, примероците од готовиот мраз и опремата не ги исполнувале бараните параметри.
„Сите останати примероци земени за анализа не одговарале на бараните параметри и во овие примероци било потврдено присуство на бактерии ешерихија коли и колиформни бактерии, со што е докажано дека мразот бил небезбеден за употреба и штетен по здравјето на луѓето поради контаминација со бактерии од фекално потекло“, информира полицијата.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги запечатилa и ги одзела машините и замрзнувачите, заедно со готовиот мраз.
Водата ја земале преку нелегален приклучок
При претресите било утврдено и дека водата за производство на мраз се носела преку доводи поставени на повеќе места.
Вработени од ЈП „Плаваја“ од Радовиш констатирале дека водата што се користела во подрумските простории не поминувала преку водомер.
Според МВР, водата за производство била обезбедувана преку нелегален приклучок на водоводната мрежа.
Пронајдена и воздушна пушка
При претресот на објект во местото Гладно Поле, во атарот на Радовиш, бил пронајден и објект за кој било констатирано дека е бесправно изграден.
Таму била пронајдена и воздушна пушка без соодветна документација.
За бесправно изграденото место и за пушката полицијата најави дополнителни пријави, откако случаите целосно ќе бидат документирани.
Двајцата 62-годишници биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Радовиш.







