Либерално-демократската партија (ЛДП) го поздравува потпишувањето на договорите со Европската Унија, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој за финансирање на третата фаза од железничкиот Коридор 8.
„Ова е важен чекор за подобра регионална поврзаност, економски развој и поблиска интеграција на Северна Македонија во европската транспортна мрежа.
Истовремено, потсетуваме дека државата веќе изгуби околу 60 милиони евра европски грант за овој проект поради неисполнување на роковите и слабата реализација на проектот. Таквите пропусти не смеат никогаш повеќе да се повторат.
ЛДП со години укажува дека инфраструктурните проекти што ја поврзуваат Северна Македонија со Европа се национален интерес кој треба да има поддршка без разлика која политичка гарнитура е на власт
Затоа, за ЛДП ваквите проекти не смеат да бидат предмет на дневнополитички пресметки.
Очекуваме по потпишувањето на договорите да следува навремена, ефикасна и транспарентна реализација на проектот, затоа што на Македонија ѝ се потребни резултати, а не само свечени потпишувања.
ЛДП ќе продолжи да поддржува секој проект што ја доближува Северна Македонија до Европската Унија, ја подобрува регионалната поврзаност и создава услови за економски развој“, велат од ЛДП.







