Левица дава поддршка на жителите на Шупли Камен кои повторно протестираат и со блокади се обидуваат да го спречат, како што велат, ископот на речен материјал од коритото на Пчиња. Од партијата тврдат дека со ископите се загрозуваат бунарите, земјоделските површини и животната средина во селото.
Од Левица потсетуваат дека жителите на Шупли Камен и претходно протестирале поради ископите и дека тогаш работите биле запрени. Според партијата, седум години подоцна повторно се интервенира во истото подрачје, наместо државните институции да го заштитат, како што наведуваат, веќе оштетеното корито на Пчиња.
Од Левица тврдат дека на одредени места коритото е продлабочено и повеќе од пет метри и дека со вадењето песок се повлекува водата, што според нив може да влијае врз нивото на подземните води од кои зависат бунарите и земјоделските површини.
Партијата се повикува и на тврдењата на мештаните за четири трагични настани во длабоките вирови што, како што велат, биле создадени по претходните ископи.
Од Левица реагираат и на објаснувањата дека станува збор за „уредување на речно корито“, оценувајќи дека институциите треба јавно да ги објават дозволите и стручните проценки врз основа на кои се изведуваат работите.
Од партијата особено ја посочуваат АД „Водостопанство“ и директорот Филип Филиповски, за кого наведуваат дека истовремено е и претседател на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Куманово. Од Левица прашуваат кој одлучил повторно да се интервенира во подрачје каде што, според нив, веќе постои негативно искуство со ископите, колкави количества речен материјал се дозволени за вадење, до која длабочина и кој го контролира изведувачот.
Левица бара итен инспекциски надзор, јавно објавување на дозволата и целокупната техничка документација, утврдување на фактички извадените количества речен материјал, како и запирање на работите.
„Шупли Камен веќе платил превисока цена за институционалната неодговорност. Ниту еден кубик песок и ниту еден приватен интерес не вредат повеќе од водата, безбедноста и животот на луѓето“, наведуваат од Левица.







