Левица ја обвини Владата за нетранспарентност и недоследности во постапката за организација на прославата по повод јубилејот од независноста, оценувајќи дека дополнителните објаснувања околу настанот отвораат нови прашања.
Од партијата посочуваат дека рокот за доставување понуди истекол на 8 мај во 12 часот, при што, според нив, била доставена само една понуда од околу сто страници. Само четири дена подоцна, на 12 мај, Владата и „Авалон“ ја најавиле програмата и настапот на Дејвид Гета.
Левица прашува како во толку краток рок можело да се отвори и провери документацијата, да се спроведе евалуација, да се оцени финансиската и продукциската оправданост и да се донесе одлука за избор на реализаторот.
Од партијата посочуваат и на, како што велат, несогласување меѓу условите од јавниот повик и изјавите на претседателот на Комисијата, Николче Мицевски. Според јавниот повик, Комисијата требало да ја спроведе постапката, да ја оценува понудата и да подготви извештај со предлог за избор, додека Мицевски, според Левица, подоцна ја опишал нејзината улога само како проверка на комплетноста и навременоста на документите.
Левица дополнително го отвора прашањето за улогата на Мицевски, кој претседавал со Комисијата што ја разгледувала понудата, а подоцна бил ангажиран како автор на аранжманите за концертот на Хозе Карерас.
Од партијата бараат да бидат објавени целосниот извештај на Комисијата, записниците од нејзината работа, индивидуалните оценки доколку постојат, образложенијата за критериумите, одлуката за избор, датумот на известување на избраниот реализатор и целата временска линија од доставувањето на понудата до официјалната најава на програмата.
„Ако сето ова било беспрекорно чисто, тогаш нема никаква причина документите да останат зад затворени врати“, наведуваат од Левица, додавајќи дека јавноста треба да има увид во постапката за да се утврди дали навистина била спроведена суштинска евалуација.







