Левица и СДСМ со критики за „Скопје 2028“: Спорни именувањето на директор и набавките надвор од системскиот закон

Опозициските партии Левица и СДСМ излегоа со одделни реакции против Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, кој влезе во собраниска постапка. Двете партии го оспоруваат предвидениот начин на трошење на јавните средства, додека Левица отвора и прашања за назначувањето на Марјан Цветковски за директор на фондацијата што треба да го спроведува проектот.

Од Левица тврдат дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, го назначил поранешниот директор на Македонската радио-телевизија, Марјан Цветковски, за директор на фондација која правно сè уште не е основана.

Партијата прашува врз основа на кое законско овластување е извршено назначувањето, имајќи предвид дека, според Предлог-законот, директорот треба да биде именуван од Управниот одбор на фондацијата.

„Но, Управен одбор сè уште не може да постои, бидејќи Фондацијата не е основана со закон. Ова покажува дека кадровските решенија се однапред договорени, а законот треба само дополнително да ги легализира“, се наведува во соопштението на Левица.

Од СДСМ, пак, го обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека со Предлог-законот се обидува да овозможи трошење 21 милион евра без примена на Законот за јавните набавки.

„Подготвиле закон со кој 21 милион евра јавни пари ќе можат да се трошат без примена на Законот за јавните набавки, без тендер, преку основање фондација што наводно треба да го реализира проектот“, соопшти СДСМ.

Партијата смета дека исклучувањето на фондацијата од системот за јавни набавки би создало опасен преседан, кој во иднина би можел да се примени и кај други проекти прогласени за приоритетни.

СДСМ побара итно повлекување на Предлог-законот, оценувајќи дека ниту една институција не треба да биде изземена од Законот за јавните набавки, особено кога станува збор за десетици милиони евра јавни средства.

Претходно денес и Државната комисија за спречување на корупцијата предупреди дека секое законско решение со кое се исклучува или ограничува примената на системските закони, особено на Законот за јавните набавки, мора да биде јасно и детално образложено и да содржи ефикасни механизми за спречување корупција и злоупотреба на јавните средства.

ДКСК нагласи дека транспарентноста, еднаквиот третман, слободната конкуренција, економичноста, отчетноста и ефективната контрола не смеат да бидат доведени во прашање, без оглед на институционалната форма преку која ќе се реализира проектот.

Комисијата потсети и дека носењето закони по скратена постапка со кои се заобиколуваат системските закони е препознаено како висок ризик од корупција во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030.

Претходно, и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара Собранието да го запре донесувањето на Предлог-законот по скратена постапка.

Платформата предупреди дека со предложеното решение фондацијата, која би била основана од Град Скопје и финансирана со буџетски и европски средства, би била изземена од примената на Законот за јавните набавки. Според организациите, тоа создава висок корупциски ризик, ја нарушува еднаквоста пред законот и воспоставува преседан за идни проекти.

Тие побараа текстот да биде повлечен, да се достави на јавна консултација преку ЕНЕР и да се отстранат одредбите со кои се отстапува од Законот за јавните набавки.

Scroll to Top