Лукровски и советот на Општина Карпош го изгласаа општинскиот буџет и програмите за работа за 2026 година

Советот на Општина Карпош заседаваше по шести пат, при што советниците расправаа и полноважно одлучуваа по околу триесетина точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Првенствено, мнозинска поддршка доби Предлог – Решението со кое беа именувани претседател и членови на Комисијата за изработка на Програмата за работа на Советот за 2026 година. Советот ја изгласа и Одлуката за утврдување надоместок на членовите на Општинска изборна комисија – Карпош и избирачките одбори на подрачјето на општина Карпош, за извршената работа во подготовката и спроведувањето на Локалните избори 2025 година.

Со истата динамика беа поддржани и 17 годишни Програми за работата на Секторите и Одделенијата од Општина Карпош за 2026 година. По детално разгледување на компонентите од кои е составен, беше изгласан и Буџетот на Општина Карпош за 2026 година. Имено, според образложението, Министерството за финансии ја извести локалната самоуправа дека максималниот износ на сопствените приходи на основниот буџет за општина Карпош за 2026 година ќе изнесува 608.436.000 денари. Притоа, средствата кои општината ќе ги добие како приход од ДДВ за 2026 година изнесуваат 28.978.000 денари, а средствата доделени од Владата на РСМ изнесуваат 615.020.279 денари. Планираниот пренесен вишок на приходи од претходната година изнесува 80.000.000 денари, така што висината на вкупниот износ на основниот Буџет на општина Карпош ќе изнесува 1.332.434.279 денари.

Земајќи го сето ова во предвид, Консолидираниот Буџет на Општина Карпош за 2026 година ќе изнесува 2.159.676.279 денари и истиот ги содржи планираните извори на приходи од кои ќе се финансираат расходите за 2026 година.

Scroll to Top