Манасиевски: Филипче ја прифаќа бугарската рамка, прво уставни измени, потоа отворање на идентитетските прашања

Венко Филипче уште еднаш покажува до каде е подготвен да оди за власт, амнестија и моќ, кога се во прашање македонските национални интереси. Прво уставни измени, а потоа редефинирање на историјата и идентитетот, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Филипче не го интересира македонскиот идентитет и интегритет. Тој само сака прифаќање на бугарските позиции и ставање на Македонија во подредена положба, мислејќи дека само така ќе дојде на власт. Филипче како специјален бугарски пратеник на Румен Радев, ги синхронизира неговите ставови со Бугарија и ја претставува Македонија како проблем, а бугарските барања како европски услов. Истата реторика ја слушаме и од Виктор Стојанов од фондацијата „Македонија“, кој е персона нон грата во Македонија, а неговата организација во Македонија дејствува со пораки насочени против македонскиот идентитет, со негирање на македонската посебност и со обиди македонската историја да се прикаже како бугарска“, рече тој.

Манасиевски вели дека Венко Филипче е на иста линија и со бугарската министерка на Радев, Петрова Чамова.

„И двајцата повторуваат дека Македонија преговара со Европската Унија, а не со Бугарија. Но, вистината е јасна, а таа е дека токму Бугарија, водена од свои историски и политички интереси, ја блокира и ветоизира Република Македонија на патот кон ЕУ. За таа цел, бугарските власти со години ги бараат и ги користат слабите точки во македонската политика. Прво тоа беа Зоран Заев и Димитар Ковачевски, а денес таа улога ја презема Венко Филипче. Наместо да ги бранат македонските позиции, тие прифаќаат туѓи диктати на штета на сопствената, македонската држава“, рече Манасиевски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи обезличување на македонскиот идентитет.

„Историските личности кои твореле, кои го описменувале регионот и се бореле за создавање македонска држава не смеат да бидат предмет на политички пазар“, вели Манасиевски.

Scroll to Top