Меџити не се појави на прес-конференцијата за опасниот пожар во Трубарево

Министерот за животна средина, Изет Меџити, вечерва не беше присутен на вонредната прес-конференција во МВР за големиот пожар во фабриката за електронски отпад во Трубарево, каде покрај батерии гореше и пластика што предизвика сериозна загриженост за здравјето на населението. Новинарите инсистираа да добијат одговор зошто ресорниот министер деновиве воопшто не се обратил до јавноста.

Министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека материјал од местото на пожарот е земен од акредитирана институција и најави дека официјалните резултати ќе бидат објавени во понеделник.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека повеќепати разговарал со Меџити и со неговата заменичка, но ги упати новинарите да го прашаат директно вицепремиерот зошто не се појавува.

Присутните новинари потсетија дека попладнево Меџити бил на партиски настан, додека истовремено гореше складиште со електронски и пластичен отпад во Трубарево. Дополнително, тој не се појави ниту во изминатите денови, кога во главниот град гореа повеќе депонии.

На денешната вонредна прес-конференција зборуваа министрите Панче Тошковски, Азир Алиу, Цветан Трипуновски и Владо Мисајловски, заменик-претседателот на Владата Љупчо Димовски, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Министерот Панче Тошковски објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и состојбата е високоризична. До 200 метри се забележува средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.

„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставени сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски.

Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.

Scroll to Top