Мицкоски: Да почекаме истрагата да даде одговор за наводите за транспортирани мозоци

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема јавно да коментира додека не се добијат поконкретни информации во врска со објавите дека мозоци на починати македонски државјани со психијатриска дијагноза биле транспортирани во САД за медицински истражувања.

„Не би коментирал јавно било што додека не добиеме поконкретно. Сепак е состојба што се случувала пред неколку децении. Да оставиме на обвинителството и истрагата да одговорат“, изјави Мицкоски на новинарско прашање.

Претходно денеска Јавно обвинителство соопшти дека, врз основа на повеќе информации објавени во медиумите, оформило предмет по допрен глас поради наводи поврзани со документите од случајот со Џефри Епстин.

Од Обвинителството информираа дека наводите упатуваат оти примероци од мозоци на починати лица од земјава наводно биле транспортирани во САД за научно-истражувачки цели.

„Имајќи ја во вид природата на наводите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, Јавното обвинителство оформи предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност“, соопштија од институцијата.

Предметот е доставен на надлежно постапување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое треба да преземе дејствија за прибирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, со цел да се утврди дали постоело евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, како и можни пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности.

Scroll to Top