На денешен ден, 13 август, се сеќаваме на Струмичката петорка Мирко Пецев, Ѓорги Јармов, Ѓорги Костуранов, Борис Белев и Стево Топчев. Пет млади животи, пет струмички студенти, кои останаа запишани во македонската историја како симбол на една генерација што сонувала за слобода, достоинство и иднина за својот народ, напиша премиерот, Христијан Мицкоски на „Фејсбук“.
Нивната трагична судбина, додава тој, е дел од болните страници на нашата историја.
„Денес, со почит и достоинство, се поклонуваме пред нивниот спомен и ја чуваме обврската да ги паметиме сите жртви од минатото, градејќи иднина во која почитта, правдата и човечкото достоинство ќе бидат темели на нашето општество. Денес им оддаваме почит на нивните семејства, на нивниот спомен и на сите млади луѓе кои низ историјата ја носеле надежта за подобра иднина. Нека нивните имиња останат дел од нашето колективно паметење. Вечна им слава!“, напиша Мицкоски.
Името Петте струмички студенти или Струмичката петорка се однесува на струмичаните Мирко Пецев, Ѓорги Јармов, Борис Белев, Ѓорги Костуранов и Стево Топчев на возраст од 18 до 23 години, кои на 13 август 1951 година биле убиени до селото Дорломбос на планината Беласица од страна на комунистичките власти во Струмица на тогашната СРМ. Тие биле студенти во Белград, Скопје и Загреб, а биле убиени под образложение дека сакале нелегално да пребегаат во Грција. Струмичани со децении го отфрлаат ова толкување и тврдат дека студентите биле киднапирани и убиени од локалните безбедносни служби затоа што биле политички неистомисленици и блиски до идеалите на ВМРО.







