Мицкоски: Мафијашки упади во времето на вонредната состојба, случајот со Жан Митрев отвора прашања и за одлуките на Пендаровски

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е изненаден од тврдењата на хирургот Жан Митрев дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев сакале да му ја преземат приватната клиника. Мицкоски оцени дека таквите „мафијашки упади“ се случувале токму во периодот на вонредната состојба и побара Обвинителството да постапи по допрен глас.

„Не сум изненаден, знаевме какви мафијашки упади се случуваа, особено кога се носеа вонредни состојби и со уредби на сила се надсинхронизираа законите и Уставот“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за сведоштвото на Митрев.

Тој посочи дека нема дополнителен коментар, но очекува Обвинителството да се произнесе: „Немам што да коментирам, претпоставувам би требало Обвинителството по допрен глас да коментира. Но тоа мене не ме изненадува.“

Мицкоски додаде дека има повеќе сведоштва за однесувањето на тогашната влада во периодот на вонредната состојба и укажа на уредбите со законска сила што тогашниот претседател Стево Пендаровски ги носел:

„Сè уште тие законски уредби и одлуки на Пендаровски Стево во тој период стојат непоминати во Собранието. Треба да видиме и Собранието да се произнесе во периодот што следи што со тоа, дали можеби има и одговорност тука од страна на поранешниот претседател Пендаровски Стево и пред законите и пред Уставот.“

Според Мицкоски, постојат основани сомневања дека дел од тие одлуки биле спротивни на Уставот и законите. „Ќе чекам да видам дали Обвинителството ќе постапува по допрен глас – истото што го чекаат сите граѓани во Македонија“, додаде премиерот.

Scroll to Top