Мицкоски со порака: Кој мисли дека функцијата се наследува заради блискост, со плетење мрежи и со неконзистентност – греши

На денешниот 18-ТИ Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржува во Спортскиот комплекс „Јасмин“ во Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“ се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој што истакна дека лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ не е награда, ниту привилегија, туку обврска и жртва што ја носат само оние што имаат интегритет и дисциплина и сила да ја носат тежината на државата.

Претседателот Мицкоски упати јасна порака до членството и до сите кои ја следат работата на партијата.

„Кој мисли дека претседател на ВМРО-ДПМНЕ се станува лесно – се излажал. Кој мисли дека функцијата се наследува заради блискост или по случаен пат, со плетење мрежи и со неконзистентност – погрешил. Кој мисли дека довчерашните субјективни заслуги ќе му донесат утрешна награда – не ја разбрал оваа партија“, вели Мицкоски и додава:

„Мојот наследник на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде човек што само победува во анкети, или што знае да аплаудира. Тоа ќе биде човек со ’рбет, со интегритет, со дисциплина и фокус. Ќе биде човек што знае да ја носи тежината на државата. Што знае да издржи. Што знае да прости. Што знае да биде чесен и кога боли и кога сите се откажуваат од него затоа што во моментот им е така опортуно да прават. Наследникот мора да биде човек што ќе знае дека партијата е поголема од него, а не човек што мисли дека е поголем од партијата. Мора да биде човек што ќе може да ја води Македонија – не во 2025 година, туку во 2050 година“.

Мицкоски додаде дека во ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се успевало со шепотења по ходници, со интриги или со претерана самодоверба, туку со работа, пожртвуваност и искрена намера да се служи на државата.

„Мојот наследник ќе мора да го носи овој товар со истиот мир што го носам и јас денес. Ќе мора да биде човек што може да ја води државата, а не човек што ќе ужива во раскошот на функцијата заслепен од своето его. Ќе мора да биде повикан од зрелост, а не од суетата“, заклучи Мицкоски.

Scroll to Top