Министерот за европски прашања и национален координатор за странска помош, Орхан Муртезани, денеска оствари средба со нерезидентниот амбасадор на Република Кореја, со седиште во Софија, Ким Донгбае, на која се разговараше за унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на развојната помош, економските односи и можностите за идни заеднички проекти во области од заемен интерес. Муртезани изрази искрена благодарност за континуираната поддршка на Владата и народот на Република Кореја, особено за грант-помошта во вредност од околу 440 илјади американски долари за набавка на осум електрични возила и осум полначки станици за потребите на здравствените инспекторати.
Министерот нагласи дека Министерството за европски прашања, како институција надлежна за координација на процесот на европска интеграција, има клучна улога и во хоризонталната координација на странската помош во земјата, вклучувајќи ја и поддршката од Европската Унија и другите билатерални партнери. Во таа насока, беше изразена благодарност за минатогодишната грант-донација на Република Кореја која овозможи значајно подобрување на ИТ инфраструктурата во МЕП.
Муртезани ја истакна и успешната соработка меѓу царинските управи на двете земји, реализирана преку заеднички проекти за поддршка на малите и средни претпријатија и развој на е-трговијата, во вредност од околу 700 илјади долари, како и втората фаза на проектот, во износ од околу пет милиони евра, насочена кон унапредување на системите за управување со податоци и ризици. Муртезани и Донгбае ја потврдија подготвеноста за продлабочување на соработката во приоритетни области како дигитализацијата, сајбер безбедноста, здравствените услуги, јавната администрација, зелената агенда и енергетската транзиција.
Тој го информираше амбасадорот Ким за тековниот напредок на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија и ја потенцираше важноста од поддршката на пријателските земји, како Република Кореја, во остварувањето на стратешките цели на државата.







