Собранието ги избра Мухамет Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање и Беким Сали за министер за европски прашања.
Новите министри доаѓаат на местата на Изет Меџити и претходно разрешениот Орхан Муртезани.
Образложувајќи ги предлозите пред пратениците, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека изборот е направен со цел целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучните ресори.
„Денес пред вас го доставувам предлогот за избор на двајца министри, со цел целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучни ресори од извршната власт“, рече Мицкоски.
За Хоџа, премиерот посочи дека располага со долгогодишно искуство во државната управа и во извршната власт, со ангажмани во повеќе институции и раководни позиции.
„Министерството за животна средина и просторно планирање има важна улога во креирањето и спроведувањето на политики поврзани со одржливиот развој, рационалното користење на просторот и заштитата на животната средина“, изјави Мицкоски.
Во однос на Беким Сали, Мицкоски нагласи дека неговото претходно искуство како министер и актуелниот ангажман во законодавната власт се значајни за координативната улога на овој ресор.
„Ресорот европски прашања бара систематска работа, усогласување на институциите и следење на обврските што произлегуваат од националните и европските документи“, рече премиерот.
Тој се заблагодари и на досегашниот министер за европски прашања Орхан Муртезани, посочувајќи дека ќе продолжи да биде дел од неговиот кабинет и ќе го координира процесот на следење на исполнувањето на реформската агенда.







