Националниот џез оркестар ќе настапи во реномираниот џез клуб Porgy & Bess вечерва во 20.30 часот, како дел од турнејата „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams). Ова е третиот и последен настап на македонските џезери предводени од диригентот Владимир Николов, како дел од мини-турнејата што ги опфати и Будимпешта и Прага.
Macedonian Dreams е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна која Националниот џез оркестар со гордост ја носи на европските сцени, претставувајќи ја македонската културна и музичка традиција во современ контекст.
– Оваа турнеја е важна, затоа што промовира нешто ново, истовремено базирано на нашата традиција. Најважниот дел во овој проект или приказна е како ние комуницираме со нашето минато. Претставуваме и аранжмани на фолклорни теми, но го правиме тоа на начин со кој што кажуваме нешто што сметаме дека е релевантно во денешниот џез и, воопшто, во музиката – вели маестро Николов, кој заедно со Гордан Спасовски, ги создадоа и аранжманите на композициите.
За директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски, ова е исклучително важна турнеја, затоа што промовираме целосно македонска музичка џез приказна и ја претставуваме на светот.
-Настапите во Будимпешта и во Прага поминаа подобро од очекувањата. Аплаузите, овациите, довикувањата за бис ни беа најголема награда. Нашиот оркестар се претстави во врвно издание, а покажавме дека и изборот на програмата е полн погодок за наша поголема промоција низ Европа. Очекуваме дека Macedonian Dreams ќе ни отвори нови врати и нови соработки во иднина – рече Стевковски.







