На Табановце уапсен странски државјанин: возел со 168 на место каде максималната брзина е 80 километри на час

На граничниот премин „Табановце“ уапсен е странски државјанин откако било утврдено дека со своето „порше“ возел со брзина од 168 километри на час, иако максимално дозволената брзина била 80 километри на час.

Според МВР, денеска (21.08.2026) во 13:15 часот, на граничен премин Табановце, при излез од Македонија, полициски службеници извршиле проверка на патничко моторно возило „порше“, со холандски национални ознаки управувано од М.А.(35), државјанин на Холандија.

При извршената проверка, преку системот „Safe City“ било констатирано дека лицето е евидентирано како сторител на кривично дело по член 297-А од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, односно управувало со возилото со брзина од 168 километри на час, на место каде максимално дозволената брзина изнесува 80 километри на час.

М.А. е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за стореното кривично дело, соопшти полицијата.

Scroll to Top