Невремето го парализира Скопје: Поплавени улици, заглавени автомобили

Силното невреме проследено со пороен дожд што попладнево го зафати Скопје предизвика сериозни проблеми низ градот. Поплавени улици, паднати дрвја, оштетени возила и застој во сообраќајот се дел од последиците што ги пријавуваат граѓаните.

Подвозникот на Булевар Србија, е поплавен, а поплавен е и подвозник во скопската населба Бутел.

Граѓаните пријавуваат и заглавени автомобили на повеќе локации, паднати дрвја, проблеми со сообраќајната сигнализација. Под вода се и улиците околу Националната арена.

По невремето се огласи и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој соопшти дека Кризниот штаб на Град Скопје и екипите на јавните претпријатија се целосно мобилизирани и се на терен.

Тој информира дека градските служби се во постојана координација со Центарот за управување со кризи, МВР, ЕВН, Противпожарната бригада и останатите надлежни институции, а сите расположливи капацитети се ставени во функција за брза интервенција доколку има поплави, штети или потреба од итна реакција.

„Екипите на Град Скопје ќе бидат на располагање во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно. Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети“, порача Ѓорѓиевски, апелирајќи до граѓаните на внимателност, смиреност и соработка со надлежните служби.

Scroll to Top