Во издание на „Бата прес“ излезе од печат најновата поетска книга „Танцот на времето“ од поетесата Ели Маказлиева. Објавувањето на делото е поддржано од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес во литературата.
Рецензентката Елизабета Бандиловска, за „Танцот на времето“, меѓу другото, пишува: „Станува збор за современо поетско остварување кое носи лирска, емоционална и филозофска рефлексија за човековото постоење, минливоста на животот и препознатлива топлина што допира до универзалните теми во животот што брзо и ритмички минува.

Книгата е ново, свежо поетско остварување во кое авторката со зрела поетска мисла на суптилен и длабоко емотивен начин низ стихови го истражува текот на времето и неговата минливост. Книгата е дело кое преку стихови создава жива сила што го обликува човекот, неговите чувства, спомени и соништа правејќи блискост до широк круг љубители на поезијата.
Во два циклуси, преку лирски израз исполнет со сензибилитет и симболика, Маказлиева создава поетски свет во кој минливото добива трајност, а секој миг носи своја внатрешна тежина и значење.
Ова издание претставува значаен придонес во современата македонска поезија и уште една потврда за континуираниот творечки пат на авторката.
Книгата ќе биде промовирана денес во 18:00 часот во Промотивниот центар на Саемот на книгата, во салата „Борис Трајковски“. Промотивна реч ќе има проф. д-р Елизабета Бандиловска, а стихови ќе чита и настанот ќе го модерира актерката Софија Насевска Трифуновска.







