Општина Ѓорче Петров започна со реализација на еден од, како што велат од таму, најзначајните инфраструктурни проекти за спорт и рекреација – изградбата на современиот спортски комплекс „Пољана“ во населбата Хром, кој се простира на површина од 1.450 м².
Комплексот ќе содржи: фудбалско игралиште со вештачка трева, со модерна подлога и целосно нов изглед, две кошаркарски игралишта, опремени за тренинг и натпревари, фитнес зона на отворено, со справи за активен и здрав живот и детско игралиште, замислено како безбеден и весел агол за најмладите.
„Хром заслужува современ спортски простор, а токму ‘Пољана’ ќе биде местото кое ќе ја оживее спортската и општествената енергија на оваа населба. Чекор по чекор, со многу работа и љубов, ја градиме иднината на Ѓорче Петров – заедно со сите вас. Со изградбата на комплексот „Пољана“, Општина Ѓорче Петров уште еднаш ја потврдува својата посветеност за подобрување на животниот стандард и создавање квалитетни услови за спорт, дружење и здрав живот“, изјави градоначалникот Александар Стојкоски.