Со доделувањето на наградите на најдобрите, заврши годинешното 29.издание на Фестивалот „Денови на комедија“ во Куманово, кој оваа година се одржуваше од 23 септември до 5 октомври. НУ Народен Театар Битола доби две награди и тоа за најдобра режија: Марјан Георгиевски и за најдобра костимографија: Андреј Георгиевски, за претставата „Секстет“.
Со својата изведба екипата на оваа претстава повторно ја воодушеви и ја насмеа до солзи публиката која ја исполни салата до последното столче. „Секстет“, комедијата од Марк Камолети, и овојпат покажа дека добрата комедија не познава граници – се игра, се чувствува и се споделува со публиката.
Во претставата играат: Бернар -Николче Пројчевски, Жаклина-Катерина Аневска Дранговска, Роберт -Александар Димитровски, Сузан-Сандра Грибовска Илиевска, Сузет -Анастасија Чипуровска, Џорџ-Борче Ѓаковски. Сценографијата е на Влатко Чачоровски, музика -Александар Димовски.
Во текот на фестивалските денови, публиката имаше можност да проследи театарски претстави исполнети со хумор, квалитетна актерска игра и препознатлива фестивалска атмосфера преку изведбата на театрите од Македонија и земјите од регионот. Фестивалот беше затворен со претставата надвор од конкуренција, „Не можам да платам, не сакам да платам“ на Театар Куманово, посветена на годинешниот лауреат Игор Џамбазов,
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Куманово.







