Обвинителите бараат итно да се повлече од дневен ред точката за намалување на нивните плати: се загрозува независноста со економски притисок

Здружението на јавните обвинители утрово испрати итка рекација до Собранието во која бараат да биде повлечена од дневен ред на денешната седница точката за изменување на Законот за платите на јавните обвинители која предвидува намалување платите. Обвинителите сметаат дека потребата од измена на Законот треба да биде детално преиспитана.

„Јавните обвинители се свесни за сложената економска ситуација во која се наоѓа државата и за потребата од ефикасни мерки за штедење. Меѓутоа, мора да нагласиме дека согласно член 2 од Законот за платите на јавните обвинители, платата на јавниот обвинител не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган, освен при утврдена дисциплинска одговорност. Јавните обвинители извршуваат сложена и одговорна работа и го носат товарот на кривичниот прогон и тоа без соодветни материјални услови и доволна стручна поддршка. Законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години наназад не им се исплаќаат поради недостаток на средства во Буџетот. Исто така, функцијата јавен обвинител е неспојлива со извршувањето на каква било друга функција или дејност. Поради тоа, платата е единствен приход за јавните обвинители и таа се движи во распон од минимални помалку од 90.000 до максимални 130.000 денари. Со вакви износи платите на македонските јавни обвинители се апсолутно најниски во регионот, а со останатите европски земји не можат ниту да се компарираат“, стои во реакцијата на обвинителите.

Наведуваат дека платите на обвинителите во Србија се од 1600 до 4.000 евра, во Црна Гора обвинителите земаат од 1.600-4.700 евра, во Албанија од 1.600 до 3.000 евра, во Бугарија просекот е 3.000 евра, а обвинителите во Македонија имаат плати од 1.500 до 2.100 евра.

Обвинителите во реакцијата велат дека чувствуваат обврска да го известат Собранието дека Уставниот суд, на иницијатива на Здружението на јавните обвинители, веќе има донесено решение У бр.71/25 од 24.12.2025 година со кое поведе постапка за оценка на уставноста на последните измени на Законот за платите на јавните обвинители, со кои веќе се интервенираше со намалување на коефициентите и ограничување на порастот на платите.

„Иако конечната одлука на Уставниот суд за ова прашање сè уште не е донесена, имаме обврска да укажеме на штетните правни последици доколку со ново законско решение дополнително се продлабочат оспорените недоследности. Оценката на уставноста на претходните законски измени се проверка на уставната усогласеност и на измените кои сега се предлагаат, бидејќи повторно при иста методологија на пресметка на плати, се намалуваат коефициентите со што всушност се влијае за намалување на платите. Сметаме дека тоа е противуставно и незаконито решение со кое се загрозува независноста на јавните обвинители преку економски притисок, од кои причини, како што наведовме погоре, бараме оваа точка да биде повлечена од дневниот ред, а потребата од измена на Законот во предложената насока да биде детално преиспитана“м наведуваат обвинителите во итната реакција.

Пратениците Бојан Стојаноски Ѓорѓија Сајкоски предложија менување на коефициентите за пресметка на функционерските плати со што тие ќе се намалат, а ќе се спречи и нивен понатамошен раст.

Scroll to Top