Обвинителството бара притвор за инспекторка во Агенцијата за храна која побарала и примила поткуп од 250 евра

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 42-годишна вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство, осомничена дека како инспекторка за храна побарала и примила поткуп од управител на правно лице.

Според Обвинителството, осомничената во периодот од 17 до 25 септември, во својство на службено лице, побарала и примила 250 евра за да изготви записник во кој ќе констатира дека извршила инспекциски надзор и дека во работењето на објектот нема неправилности.

Со записникот, како што наведува Обвинителството, требало да се потврди дека објектот ги почитува сите потребни процедури за работа.

Против осомничената се води истрага за кривично дело „Примање поткуп“ од член 357 став 1 од Кривичниот законик.

Поради ризик од бегство, опасност осомничената да влијае врз оштетениот и неговиот исказ, како и можноста да го повтори делото од позиција на службено лице – инспектор, јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка за определување мерка притвор.

Scroll to Top