Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид во градежните активности во ООУ „Димитар Македонски“ во населба Лисиче, каде што интензивно се работи на создавање услови за воведување на едносменска настава од 1 септември, согласно со насоките и препораките на Министерството за образование и наука, соопштија од општината.
Летниот распуст, појаснуваат, се користи за уредување и адаптација на училиштето, со цел учениците новата учебна година да ја започнат во подобри, посовремени и поквалитетни услови.
Според новата организација на наставата, учениците од VI до IX одделение ќе посетуваат настава во прва смена, учениците од I до III одделение ќе бидат опфатени со целодневна настава, додека учениците од IV и V одделение ќе ротираат во прва и втора смена.
„Со воведувањето на едносменската настава се создаваат услови за поквалитетен воспитно-образовен процес, подобри резултати во учењето, поголема вклученост на учениците во спортски, културни и воннаставни активности, како и за поорганизирано извршување на училишните обврски со поддршка од наставниците. Воедно, овој модел овозможува постабилен дневен ритам и повеќе квалитетно време за семејството.
Општина Аеродром веќе успешно го имплементираше моделот на едносменска настава во ООУ „Александар Македонски“, а со воведувањето и во ООУ „Димитар Македонски“ продолжува со реализација на заложбите за унапредување на условите за образование во сите основни училишта на својата територија“.







