Општина Кисела Вода, во соработка со Здружението „ХЕМА-ОНКО“, ги поканува сите заинтересирани граѓани на едукативна трибина под мотото „Заедно за рано откривање, заедно за живот“.
Настанот е посветен на подигнување на јавната свест за превенција, рано откривање и навремено лекување на малигните заболувања, а ќе се одржи оваа сабота, 19 септември 2026 година, со почеток во 13:00 часот во „Паркот на бранители“ во населбата Драчево.
Присутните ќе имаат можност да слушнат корисни совети и лични искуства преку излагањата на Наташа Бабулова, која ќе ја сподели својата борба како лице со рак на дојка и членка на „ХЕМА-ОНКО“, како и низ обраќањата на стручните лица: спец. д-р Албина Чресловник Пупакоски, на медицинската сестра Јасмина Јовческа од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, и д-р Славица Чалчевска, радиолог, супспецијалист и интернист од ГОБ „8 Септември“.
Општина Кисела Вода ги повикува сите граѓани да присуствуваат, да се информираат и заеднички да дадат поддршка, бидејќи превенцијата и навремената дијагностика се најважни во битката за животот.
Со овој настан се означува почетокот на кампањата „Розев Октомври“ која стартува од општина Кисела Вода, а ќе заврши со голем РОЗЕВ ПИКНИК на Школка во Градскиот парк. Активностите посветени на оваа важна тема ќе продолжат, па така, по трибината во Драчево, ќе се одржи уште една на 26 септември во околината на општината.







