Судот определи притвор од осум дена за насилникот кој нападна и му се закануваше со нож на 12-годишно дете во Скопје, соопшти МВР.
„СВР Скопје го расчисти случајот пријавен на 11.11.2025 во 20:00 часот од страна на Г.М.(39) од Скопје, кој пријави дека околу 15:50 часот на подрачјето на Центар, неговиот 12-годишен син бил физички нападнат од Б.Љ., кој потоа со остар предмет му нанел расекотина и му го оштетил велосипедот. По преземени соодветни мерки и активности, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.Љ. и од него е одземен ножот со кој го извршил кривичното дело“, соопшти МВР.
Претходно, од обвинителството соопштија дека е поведена постапка против 53-годишен скопјанец за кривично дело – Насилство врз дете.
Додека детето се движело со велосипед по булеварот „Крсте Мисирков”, осомничениот го пресретнал со електричен мотор и без повод и причина агресивно го нападнал со тупаници и клоци во пределот на лицето и телото.
Во еден момент извадил и нож со кој замавнал кон детето, а потоа со дршката го удрил по главата.
Детето успеало да се оттргне и да побара помош од случајни минувачи. Осомничениот го зел велосипедот од оштетеното дете, му ги исекол двете гуми и го фрлил кон булеварот со намера да го оштетат возилата кои поминувале. Потоа со моторот го напуштил местото на настанот, додека пак детето било пренесено во Ургентниот центар.







