Пак нови измами со лажни лекари и измислени сообраќајки

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека во последните 24 часа на подрачјето на Штип се пријавени две измами извршени врз повозрасни лица, при што сторителите се претставувале како лекари и лажно пријавувале тешки сообраќајни незгоди.

Според полицијата, на 30 јануари 2026 година, во СВР Штип најпрво бил пријавен случај во 11:30 часот од 96-годишен маж од Штип, кој навел дека бил измамен за износ од 3.500 евра. Како што пријавил, телефонски бил контактиран од лице кое се претставило како лекар и му соопштило дека неговата ќерка се здобила со скршеници и дека е неопходна итна операција за која требало веднаш да се плати. По претходен договор, оштетениот од балконот ги фрлил парите, кои биле преземени од лице што чекало под објектот и веднаш го напуштило местото. Подоцна, откако стапил во контакт со својата ќерка, сфатил дека станува збор за измама.

Вториот случај бил пријавен истиот ден во 16:30 часот од 77-годишна жена од Штип. Таа изјавила дека по идентичен начин била измамена од лице кое се претставило како лекар и ѝ соопштило дека нејзината ќерка е тешко повредена и дека е потребна итна операција. По договор со сторителите, таа од балконот предала 3.000 евра, 30.000 денари и златен накит на женско лице, кое по преземањето го напуштило местото на настанот. Подоцна и таа утврдила дека станува збор за измама.

Од МВР соопштуваат дека и во двата случаи се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните и откривање на сторителите, а апелираат граѓаните, особено повозрасните, да бидат внимателни и да не наседнуваат на вакви телефонски измами.

Scroll to Top