Петнаесет возачи се лишени од слобода вчера поради возење без возачка дозвола, со активна забрана за управување возило и под дејство на алкохол, а од нив двајца малолетници.
Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода четири лица во Гостивар, двајца во Тетово и по еден во Велес, Кичево и Битола затоа што управувале возило без возачка дозвола.
– Малолетник од Битола претходно со возило удрил во пешак и му било одземено возилото, а исто така, во Гостивар е одземен мопед од малолетник кој со него удрил во полициски службеник кој вршел службенои дејствија. Одземени се патничките возила и на другите возачи кои возеле без возачка дозвола, соопшти МВР.
По еден возач во Гостивар и Кавадарци управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Од нив, исто така, се одземени патничките возила. По еден возач во Македонска Каменица, гевгелиско, Струмица и Македонски Брод управувале возило под дејство на алкохол. Возачите во гевгелиско и Македонски Брод претходно предизвикале сообраќајни незгоди со материјални штети.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите МВР најавува дека ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај, велат од МВР.







