Јавното претпријатие „Лајка“ го прославува петтиот роденден со повик за хуманост, одговорно сопствеништво и почит кон секое живо суштество.
Во пораката по повод јубилејот, од „Лајка“ велат дека за изминатите години ја трансформирале институцијата во пример за хуман, транспарентен и посветен систем, но дека вистинско решение за проблемот со бездомните кучиња може да се постигне само со строго законско регулирање на одговорното сопствеништво.
Во чест на роденденот, „Лајка“ ги сподели и „петте роденденски желби на кучето“ – секое куче да има свој дом, да нема гладни и заборавени животни, да се почитува вредноста на секој живот, општеството да решава, а не да убива, и да се верува во добрината.
Од претпријатието најавуваат роденденска дружба во бистро „Собрание“ под слоганот „Не ни требаат подароци, ни требаат луѓе. Луѓе кои ќе вдомат, ќе дојдат, ќе прегрнат, ќе го почувствуваат пулсот на хуманоста што ја градиме заедно“. Додаваат дека секое куче заслужува шанса, а општеството треба само „да биде човечно“.







