Победивме во 95% од избирачките места, да се обединиме во вториот круг, повика Герасимовски

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, кој на овие избори бара втор мандат како кандидат на СДСМ вели дека победил во 95 отсто од гласачките места и повика сите кои се премислуваат или имаат дилеми да го поддржат во вториот круг. „Изборниот ден помина во мирна, фер и демократска атмосфера. Благодарен сум што граѓаните на Центар, како и секогаш, одлучија да излезат на изборите и да донесат вистинска одлука. Центар денеска вистински победи. Сакам од срце и искрено да се заблагодарам на сите граѓани кои ја дадоа поддршката за мене и мојот тим. Денес извојувавме убедлива победа. Победивме во 95 % од избирачките места. За мене е огромна чест, признание и огромна одговорност и обврска. До сите што се двоумеа или имаа дилеми – време е истите да ги надминеме. Ве повикувам во вториот круг да се обединиме и заедно да ја продолжиме визијата за развој на Центар. Центар што го сакаме е реалност и Центар што граѓаните го сакаат победи денес. Ќе победи и за две недели. Центар е и ќе остане во рацете на граѓаните, во сигурни раце“, рече Герасимовски.

Според последните податоци од Државната изборна комисија од 45 отсто обработени избирачи, Герасимовски има 3,716 гласови, а зад него се Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ со 2642 гласа, независната кандидатка Билјана Ивановска со 1930 гласа и Марија Среброва од Левица со 952 гласа.

Scroll to Top