Во полициската станица во Гостивар е пријавен случај на интернет измама, при што 34-годишен жител на овој град останал без над 89 илјади денари.
Како што информира полицијата, на 16 јануари С.А. (34) пријавил дека добил СМС порака со известување и линк за наводна достава на пакет од „Пошта на Северна Македонија“. Откако влегол на лажна веб-страница и ги внел податоците од својата дебитна картичка, од неговата сметка биле извршени повеќе неовластени трансакции.
Според пријавеното, од сметката на оштетениот биле повлечени вкупно 89.106 денари, кои завршиле кај примач во странство.
Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не внесуваат лични и банкарски податоци на сомнителни линкови.







