Во статусот, Заев пишува дека било подобро Груевски да ја отслужел казната во Македонија, за да може да зборува од тука, а не од бегство да пишува епопеи кои никој не сака да ги чита до крај.
„Никола, тебе навистина ти е досадно, нели?! Читам денес дека си почнал и да се разубавуваш:) Човеку, ти навистина не знаеш што да правиш со самиот себе.
Само да ти кажам, овие твоите те слушаат, гледам дека секојдневно им делиш задачи. Знам, контролата од далечина ти е малку тешка.
Можеше да ја одлежиш казната, тоа малку што ти го дадоа, бидејќи да бев јас некој друг и да се мешав во правосудството, ти ќе добиеше многу повеќе. Но, јас не сум како тебе и твоите, јас сепак се борев за слободна и демократска Македонија.
Да ја одлежеше тогаш казната и да покажеше достоинство кон народот на Македонија, денес ќе можеше од тука, од Македонија, да зборуваш пред нашата јавност, наместо од бегство да пишуваш епопеи за кои тука се тера мајтап дека никој не може и не сака да ти ги дочита до крај.
За разлика од тебе, неуспешниот и поразен “боксер”, ние пред политиката се занимававме со сопствена работа, и тоа успешно. А сега, кога скоро пет години сум во политичка пензија, нема ден да не ме спомнете. Толку ли комплекси сте си натовариле?
За разлика од тебе, којшто се капеш во украдените парите на граѓаните на Македонија, јас достоинствено работам и своето време и натаму ќе го трошам на работа, а не на серијали писанија посветени на тебе. Тоа значи дека ова е една од ретките прилики кога го добиваш повторно моето внимание.
Затоа, ти предлагам, најди си нешто да работиш. Не мислам да работиш за да заработиш, тоа го имаш оти безобразно и развратно крадеше. Туку мислам на тоа да си најдеш некое хоби, занимација, да ти “годи” додека се разубавуваш. Научи ли гулаш да правиш?:)
За крај, Се надевам и верувам дека ќе дојде денот кога ќе се појавиш во Македонија, а добро знаеш каде ќе треба директно да одиш.
За да разбереш: Јас жеден да сум, Русија капка вода нема да ми даде, а камоли бизнис да ми даде. До свидания Никола ! Поздрав од Македонија, полноправна членка на НАТО“, објави Заев.
Претходно, Груевски ги обвини Заев и Филипче дека се дволични и дека едно зборуваат дома, друго прават надвор.
„Во вчерашната моја фб објава со наслов “КО О ЧЕМУ, ЗАЕВ И ФИЛИПЧЕ О ПОШТЕЊУ” отворив неколку теми и ги предизвикав овие два лика од насловот да одговорат на одредени прашања и информации.
Првата тема беше околу дволичноста на Зоран Заев, познат по тоа што секогаш го води исклучиво финансискиот интерес.
Тој оддамна во политиката се позиционираше, а така ја позиционира и од него контролираната СДСМ, а денес само формално водена од Венко Филипче, како про-украински, про-западни, про-европски и истовремено со силни антируски ставови.
За време на владеењето на СДСМ Македонија донираше голема количина оружје на Украина набавено од пари од буџетот на Македонија кој се полни од даноците кои ги плаќаат сите граѓани.
Поранешната министерка во владата на Заев безмалку и “објави војна” на Русија, а нејзината претходничка веќе е и заменик генерален секретар на НАТО.
Сите заедно покажаа силна подготвеност доколку треба да се испрати и македонска војска во одбрана на Украина, доколку така се одлучи во НАТО или ЕУ.
Добро познато е на јавноста и кој го инсталираше Заев на власт како марионетска влада во 2017 година.
Но, во позадина, “ербап-европеецот” спремен да прати туѓи деца на фронтот, на големо во стотици милиони рубљи секој месец врши трговија со руско железо и челик, односно купува евтино железо од Русија, чија цена е пониска заради силните западни санкции кон Русија, и прави зделки во кои сите имаат заработка, и продавачите од Русија и купувачот фирма на Заев.
Така кажано со сегашниот наратив на европските политички лидери, тој заради лично богатење учествува во зајакнување на финсирањето на Русија, и приватно како Заев-бизнисмен тој всушност ја финансира војната во Украина, но не Украина.
Значи за Украина официјално даваше подршка со парите на сите граѓани и ако затреба и сите така решат и со жива сила, а за целите на лично богатење тој е во тесна соработка со компании од Русија, кој фирми од тие заработки плаќаат даноци во буџетот на Русија“, е дел од статусот на Груевски.







