Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска официјално го означија почетокот на целосната реконструкција на улицата „Перо Наков“.
„После речиси три децении запоставеност, започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Перо Наков“. Денес, заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ја започнавме целосната реконструкција на оваа значајна сообраќајна артерија, која секојдневно ја користат илјадници жители. Станува збор за улица од исклучително значење за локалното население и за целата општина, која со години беше во катастрофална состојба и претставуваше вистински предизвик за безбедно и нормално движење“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека реконструкцијата опфаќа изградба на нови тротоари од двете страни на улицата, доизградба на атмосферската канализација, поставување нов асфалт, современо осветлување и подземно поставување на операторските мрежи.







