Цената на горивата на почетокот на август ќе се намали по двете поскапувања во јули. Премиерот Христијан Мицкоски денес, при посетата на Илинден, кажа дека очекува поголемо намалување на цените.
„Знаете дека на две недели се анализираат акцизите. Сега завршува онаа втора половина од месецот и веќе во понеделник ќе направиме просек за втората половина од месецот. И врз основа на тие параметри ќе се делува на цената на нафтените деривати. Добро е што два дена по ред паѓа цената. Денеска се стабилизира некаде околу 85-86 долари за барел, така што веќе следната недела очекувам поголемо намалување на цената на дизелот и на бензините. Но, она кое што е важно, а тоа е дека ова е берзански производ, сите ние државите купуваме од исто место, а ние како држава имаме убедливо најниска цена на дизел горивото и на безоловниот бензин во регионот, па и во Европа дури“, рече премиерот Мицкоски.
Цената на горивата кај нас последен пат беше намалена минатиот месец, на 23 јуни, кога бензините поевтинија за 3,5 денари, а дизелот за 7 денари.
Со корекцијата на цената од 29 јуни, пак, дизелот поевтини за половина денар, а цената на бензините се покачи за половина денар. Тогаш цената на дизелот се симна на 80 денари за литар, а цената на бензините се искачи на 84,5 денари за литар за еуросупер 95 и 86,5 денари за литар еуросупер 98.
Со покачувањето на цената кое важи од денес, цената на дизелот за еден месец е зголемена 18,5 денари, а цената на бензините за еден месец се зголемила за 8,5 денари.







