Премиера на документарниот филм „Гласна тишина“ – 15 години мировно образование

Денес, во просториите на Кинотека на Македонија во Скопје, Првата детска амбасада во светот Меѓаши ја одбележа 15-годишнината од Програмата за мировно образование со премиерна проекција на краткиот документарен филм „Гласна тишина“.

Настанот обедини ученици, наставници, професори, практичари и активист(к)и, испраќајќи силна порака дека мирот е активен и храбар избор, практика што се гради секојдневно преку разбирање, почит и ненасилна комуникација.

Во рамки на настанот, беше потенцирана важноста на мировното образование, не само како образовна содржина, туку како сеопфатна вредносна рамка која придонесува за развој на хумани односи, градење доверба и создавање инклузивни заедници.

На проекцијата присуствуваа околу стотина ученици и нивните наставници од десетина училишта, како и претставници од институции, граѓанскиот сектор и меѓународни партнери. Филмот ги прикажува почетоците на програмата, причините за нејзиното воспоставување, начинот на вклучување на наставниот кадар и учениците, како и постигнувањата и предизвиците во изминатите години.

По проекцијата, се одржа интерактивна дискусија со учениците, на која се отворија прашања за врсничкото насилство, неговото влијание врз менталното здравје и можностите за создавање безбедна и поддржувачка средина во училиштата и заедницата. Учениците активно споделија свои искуства, ставови и предлози за справување со булингот.

Во документарниот филм говорат наставници, ученици и реализатори на програмата, прикажувајќи ја нејзината трансформативна улога, како на индивидуално ниво, така и во пошироката заедница. Посебен акцент е ставен на регионалната димензија на мировното образование и неговото значење во контекст на современите општествени предизвици.

Програмата за мировно образование веќе 15 години се спроведува во земјата и претставува уникатен пример за градење култура на мир и ненасилство. До денес, во неа се вклучени 76 училишта, над 300 наставници и повеќе од 8.000 ученици. Реализирани се над 100 обуки преку кои учесниците стекнаа практични вештини за ненасилна комуникација, управување со конфликти, градење доверба и соработка.

„Програмата за мировно образование не е само проект, туку вредносно поставена иницијатива која создава долгорочни општествени промени. Таа е од суштинско значење, особено во услови на поделби, верски, социјални, јазични и економски, бидејќи гради основа за поправедно и инклузивно општество“, беше истакнато на настанот.

Учесниците нагласија дека вклучувањето на мировното образование во образовниот систем е клучно, бидејќи значи вложување во младите и во иднината на општеството. „Мирот не е тишина, туку храбра секојдневна акција“, порачаа наставниците, истакнувајќи дека преку ваквите програми младите се развиваат во одговорни граѓани кои ги живеат и пренесуваат вредностите на почит, дијалог и разбирање.

Програмата започна во април 2011 година, а денес претставува широка мрежа на „мировни училишта“ низ Македонија , тоа е заедница која учи, соработува и расте заедно.

Проектот е поддржан од германската организација Kurve Wustrow, преку Германското министерство за економска соработка и развој.

Scroll to Top