Претстава, филм и концерт викендов на Скопско лето

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, како организатор на 47. издание на фестивалот Скопско лето, во продолжение споделува информации за настаните кои ќе се одржат овој викенд.

Вечерва (03.07.2026г. – петок), со почеток во 20:30 часот во Младинскиот културен центар премиерно ќе биде одиграна театарската претстава „Теорема, леме“, според романот и филмот „Теорема“ на Пјер Паоло Пазолини, во продукција на Независниот театар Златен Елец, а во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ. Актери се: Златко Митрески, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Марија Карилоска и Бранко Михајлоски.

Ева Камчевска, драматург на „Теорема, леме“ вели дека „Претставата не треба да се гледа низ призма на реализам, туку на парабола. Но, асоцијациите што ќе ги предизвикаат сцените што ги гледате пред вас и она што во вас ќе го поттикнат (надежно), е без сомнение и во најмала рака – реално.“

Билетите за претставата се во продажба на karti.com.mk.

На 04.07.2026г. (сабота) со почеток во 20:30 часот во Музеј на Град Скопје ќе се прикаже краток документарен филм насловен „Шуплевски – ехо низ времето“. Автор на проектот е Викица Костоска Пенева – музиколог и професор по пијано.


„Шуплевски – ехо низ времето“ низ архивски материјали, сведоштва и музички записи ја следи повеќегенерациската приказна на семејството Шуплевски, чие дејствување оставило длабок белег врз развојот на современата македонска музика. Потекнувајќи од старото скопско маало Чаир, семејството Шуплевски повеќе од еден век е активно присутно во музичкиот живот преку диригирање, хорско пеење, инструментална изведба, музичка педагогија, компонирање и концертна дејност. Од Трајко Шуплев, преку Драган, Гане и Богданка Шуплевски, па сè до денешните генерации музичари, нивната уметност претставува жив континуитет на музичката традиција и современиот македонски музички израз.

Филмот претставува омаж на семејството кое низ четири генерации ја обликува културната сцена на Скопје и Македонија, оставајќи трајно наследство во музичкото образование, оркестарската и камерната музика, како и во развојот на институциите и концертниот живот. „Шуплевски – ехо низ времето“ е сведоштво за силата на семејната традиција, посветеноста кон музиката и културното наследство што продолжува да живее и денес.

Влезот е слободен.

На 05.07.2026г. (недела) со почеток во 20:30 часот во Сули ан ќе се одржи симфониски концерт „Поврзани преку звукот: трансформативната моќ на светската музика“, во изведба на ФЕЈМС Институт.


Како првиот концерт на Јулската концертна серија на ФЕЈМС Институтот, овој концерт ќе се одвива под водство на Русанда Панфили, молдавска виолинистка, композиторка и аранжерка. Таа има настапувано со Jerusalem Symphony Orchestra, RSO Vienna и Државниот симфониски оркестар на Мексико, а има соработувано и со Brian May, Hans Zimmer и Andrea Bocelli. Од 2016 година е соло виолинистка во продукциите „Hans Zimmer Live” и „The World of Hans Zimmer”. Поврзувајќи ја класичната традиција, фолклорното наследство и филмската имагинација, оваа програма ја поканува публиката на музичко патување низ различни култури и епохи. Преку делата на Барток, Григ, Штраус, Пјацола, Зимер, Вилијамс и Мориконе, таа ја открива трајната моќ на ритамот, мелодијата и бојата на оркестарот.

Овој концерт е завршен настан на шестдневната едукативна програма на ФЕЈМС Институтот, во рамки на која млади професионални класични музичари од цела Европа престојуваат во Скопје и под менторство на Русанда Панфили, работат на избраните дела во професионално студио, а потоа ги изведуваат на сцена, применувајќи ги новостекнатите уметнички и технички знаења.

Билетите за симфонискиот концерт се во продажба на karti.com.mk.

На 04.07.2026 и 05.07.2026г. (сабота и недела) во Едукативниот културен центар Лабораториум со почеток во 12:00 часот ќе се одржи дводневен тату настан на Етернити Тату Студио, каде посетителите ќе имаат можност одблиску да ја почувствуваат атмосферата и уметноста на студиото.


Преку tattoo сесии во живо, презентација на уникатни дизајни и дружба со публиката, Петар и Симона ќе ја претстават својата креативност и препознатлив стил, спојувајќи современа tattoo уметност со фестивалска енергија.

Влезот е слободен.

Scroll to Top