Промовиран првиот историски весник за Општина Кисела Вода

Денес, во Големата сала на Општина Кисела Вода, се одржа свечената промоција на првиот историски весник за Кисела Вода. Овој настан е дел од проект посветен на зачувувањето на локалното културно-историско наследство, насловен „70 години Кисела Вода – историја и култура што не се заборава“.

На настанот покрај градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, говореа Билјана Јанева од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид и наставникот по историја и советник во Советот на општина Кисела Вода Сашо Андонов. Присуствуваа и презентираа и директори од училиштата, повеќе други наставници по историја: Стефан Штерјов, Тони Петрушевски, Дончо Лозановски, Гордана Плетварска, Даниел Божиновски, Филип Скоков, како и учениците кои изминатиот период посветено и активно работеа на истражувањето и подготовката на содржините за весникот.

Од Општината велат дека оваа значајна публикација е реализирана во соработка со Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид. Истата претставува траен белег и потсетник за континуираниот развој на општината во изминатите седум децении, но и доказ за успешната соработка помеѓу институциите и образовниот сектор во насока на едукација на младите.

„70 години историја сега се собрани во еден весник. Наша должност е да ја документираме локалната историја, бидејќи тоа им го должиме на генерациите што доаѓаат. Оваа значајна публикација ја реализиравме заедно со Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид. Упатувам искрена благодарност до сите вклучени училишта, а особено изразувам огромна почит за менторите, наставниците и нашите ученици кои професионално го изведоа целиот процес. Нивниот труд покажува како вистински се сака и чува сопствениот идентитет. Во оваа прилика сакам директно да им порачам на учениците: правете големи дела, за утре вие да бидете оние кои со своите успеси ќе се најдат во историските записи на нашата општина, токму како во овој весник. Младите мора да го познаваат своето наследство, а Општина Кисела Вода ќе продолжи институционално да ги поддржува ваквите иницијативи за традицијата да остане трајно запишан“, истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Scroll to Top