Студенти протестираа во Скопје барајќи почитување на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит и можност испитот да се полага и на албански јазик.
На маршот студентите носеа транспаренти со пораки за почитување на законот, како и албански знамиња.
Студентите побараа оставка од министерот за правда Игор Филков.
„Нема држава без млади луѓе. Нашата борба е за правда и еднакви права“, порачаа студентите.
Од Министерство за правда соопштија дека го почитуваат правото на протест како темелно демократско право, но оценуваат дека протестот покажал обид за манипулација од политички структури.
Во соопштението се наведува и дека постојат сомнежи за инструментализација на чувствителни прашања и користење етничка реторика за политички цели, како и дека отсуството на државни обележја отвора прашања за односот кон уставниот поредок.
Во однос на барањата, Министерството потенцира дека правосудниот испит се спроведува согласно важечката законска рамка и дека станува збор за стручен испит, а не управна постапка.
Оттаму додаваат дека остануваат отворени за конструктивен дијалог и дека нивен приоритет е зајакнување на правниот поредок и воспоставување транспарентен систем, „ослободен од политички влијанија“, потенцирајќи дека нема да дозволат злоупотреба на Уставот и законите.







