Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk во септември забележа рекордна употреба – во текот на месецот граѓаните и компаниите поднеле 27.345 барања за електронски услуги, што го прави септември убедливо најуспешен месец досега, надвор од услугата за ИКТ ваучерите со која беа услужени над 50 илјади студенти, извести Министерството за дигитална трансформација.
Со овој резултат, вкупниот број на барања поднесени преку Националниот портал надмина 400.000 и достигна 405.881 барање.
Континуираниот раст на користењето на порталот е резултат на проширувањето на бројот на достапни електронски услуги, поедноставувањето на постапките и сè поголемата соработка со институциите кои своите услуги ги прават целосно достапни онлајн.
Особено се издвојува одличната соработка со Државниот завод за статистика, со кој во изминатиот период беа дигитализирани и ставени на располагање повеќе услуги, вклучително и услуги наменети за студентите и академската заедница.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека бројките покажуваат дека граѓаните сè повеќе ја препознаваат вредноста на електронските услуги.
„27.345 барања за само еден месец е најдобриот резултат од постоењето на порталот. Уште поважно е што вкупно ја надминавме бројката од 400.000 барања. Ова покажува дека кога услугата е едноставна, достапна и целосно електронска, граѓаните ја користат. Нашата цел е сè повеќе постапки да можат да се завршат од дома или од мобилен телефон, без шалтери, без непотребно чекање и без носење документи од една институција во друга“, истакна Андоновски.
Министерството за дигитална трансформација продолжува со институциите да работи на дигитализација на нови услуги, нивно поврзување преку Платформата за интероперабилност и поедноставување на корисничкото искуство на Националниот портал.
Фокусот останува на услуги кои граѓаните и компаниите најчесто ги користат и кај кои дигитализацијата може да донесе најголема заштеда на време и административни трошоци.
Рекордниот септември е уште една потврда дека електронските услуги постепено стануваат стандарден начин на комуникација меѓу граѓаните и институциите, велат од Министерството за дигитална трансформација.







