СДСМ: Кампањата против предметите на СЈО е дел од операција за враќање на Груевски

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека е во тек координирана политичка операција чија цел е враќање на поранешниот премиер Никола Груевски и целосно уривање на правниот систем во државата.

„Откако ги видовме резултатите од истражувањата во Унгарија, станува извесно дека блискиот пријател на Мицкоски, Виктор Орбан, може да се соочи со пораз на изборите. Тоа го виде и Никола Груевски“, рече Кузеска.

Според неа, наместо да одговара пред правосудните органи, ВМРО-ДПМНЕ му подготвува враќање на Груевски „во Белата палата“.

„Така изгледаат реформите во ВМРО. Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренција – се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски. Мицкоски е само чувар на фотелјата“, рече таа.

Кузеска посочи дека клучниот чекор во ова сценарио е нападот врз Специјалното јавно обвинителство и пресудите кои произлегоа од неговата работа.

„Преку орбановите медиуми во Македонија, особено преку телевизијата Алфа, веќе се води црна кампања со наратив за ‘политички прогон’ и ‘монтирани случаи’. Целта е јасна – дискредитација на предметите, релативизирање на пресудите и подготовка на терен за нивно поништување“, изјави Кузеска.

Таа додаде дека не станува збор за случајна медиумска офанзива, туку за организиран обид да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и бегалецот Груевски да се прикаже како жртва.

„Истовремено, се носат решенија во правосудството спротивни на европските препораки, се поставуваат партиски луѓе на клучни позиции и се слабее институционалната независност. Сè со една цел – да се обезбеди безбеден терен за враќање на ’газдата‘“, порача таа.

„Ова не е внатрепартиска работа на ВМРО. Ова е директен напад врз владеењето на правото и европската перспектива на државата“, додаде Кузеска.

Scroll to Top