Опозициската СДСМ со остри обвинувања кон власта оцени дека премиерот Христијан Мицкоски директно го блокира европскиот пат на државата, обвинувајќи го дека одбива да ги исполни условите за продолжување на преговорите со Европската Унија.
Од партијата велат дека изјавите на Мицкоски, во кои наведува дека нема да отстапи од ставот за уставните измени и дека државата може да чека со децении, се спротивни на европските барања.
Мицкоски јавно и јасно изјави дека нема да отстапи ниту милиметар и дека Бугарите нема да влезат во Уставот, што е основа за продолжување на преговорите. Нема продолжување на преговорите додека не се внесат малцинствата во Уставот – јасна е пораката на Европа“, соопштија од СДСМ.
Партијата посочува дека станува збор за европско, а не билатерално прашање.
„Ова не е бугарско прашање, туку европско прашање“, наведуваат од СДСМ.
Во реакцијата се повикуваат и на пораки од европски претставници, меѓу кои и Марта Кос.
„Нема место за тројански коњи“, порачала Кос, алудирајќи на влијанија од трети страни.
СДСМ обвинува дека политиките на власта водат кон стагнација на евроинтегративниот процес.
„Потоа истиот Мицкоски додаде дека Македонија е подготвена да чека децении ако треба. Тоа е директно блокирање на европскиот пат на Македонија“, наведуваат од партијата.
Од СДСМ додаваат дека нивниот став е исполнување на условите за продолжување на преговорите и отфрлаат обвинувања дека тие го кочат процесот.
„СДСМ бара исполнување на европските услови за продолжување на преговорите. Мицкоски отворено вели дека нема да ги исполни и дека е подготвен да чека децении. Кој всушност го блокира ЕУ патот?“, прашуваат од партијата.
Во соопштението се додава дека, според нив, политиките на власта создаваат конфликти со соседите и ја оддалечуваат државата од Европската Унија, најавувајќи дека ќе продолжат со политичка борба за, како што велат, европска иднина на земјата.







