„Поради нерегуларности во работењето, МВР го затвори Испитниот центар „Супер возач“, со што жителите на Прилеп и другите општини од Пелагонискиот регион, во најголем дел млади луѓе, повторно остануваат без можност да полагаат и да се стекнат со возачка дозвола“, реагира СДСМ Прилеп.
„Велиме повторно, бидејќи од ланскиот 15 декември се’ до 15 мај оваа година, на жителите од Пелагонискиот регион им беше скратено правото да полагаат за возачка дозвола, од причина што на МВР му требаа цели 5 месеци да ја избере фирмата на која ќе и’ го додели профитабилниот бизнис.
Со доделувањето на зделката на партиски функционер на ДПМНЕ од Кичево, кој фирмата ја регистрирал 3 месеци пред објавувањето на тендерот, од самиот почеток беше јасно дека станува збор за коруптивна бизнис-зделка во режија на партијата на власт.
Истата институција, МВР, која на функционерот на ДПМНЕ на 5 години му го додели вносниот бизнис со тврдење дека фирмата ги исполнува сите услови да биде Испитен центар, само стотина дена подоцна го суспендираше неговото функционирање заради неправилности во работењето!
Станува се’ поочигледно дека бизнис интересите и корупцијата на функционерите од врхушката на ДПМНЕ го загрозуваат нормалното функционирање на државата, грубо кршејќи ги законски и уставно гарантираните права на граѓаните.
На тој начин, стотици илјади евра од џебот на граѓаните секојдневно се прелеваат на сметките на аздисаните партиски и државни функционери на ДПМНЕ.
Со последната одлука на министерството на Тошковски, не само што на илјадници жители од Пелагонискиот регион на подолг рок им се скратува правото да се стекнат со возачка дозвола, туку тие и нивните родители се изложени на нови и непланирани трошоци: нови лекарски уверенија заради нивната помината важност, дополнителни часови возење, други трошоци за вадење на потребната документација…
И за целото ова време, за најновиот скандал на штета на граѓаните, од прилепскиот ОК на ВМРО-ДПМНЕ одговорија со – молк!
Наместо од Општинскиот комитет кој со свои членови партиципира во извршната, законодавната и локалната власт, да се огласат и да застанат на страната на граѓаните и на правдата, тие се затворија во глувчешка дупка, ставајќи го во прв план личниот наспроти општествениот интерес.
Господа од ДПМНЕ, оставете ги за миг внатрепартиските пресметки за градоначалничката кандидатура и позанимавајте се со проблемите на граѓаните. Како избрани и именувани функционери, тоа е ваша приоритетна обврска!“, соопшти СДСМ Прилеп.