Фатена во огромниот скандал со ИПАРД тежок 130 милиони евра власта на Христијан Мицкоски прибегна кон единствено што знае: спнови и политички монитрани случаи, обвини СДСМ.
„Власта ги оштети земјоделците за повеќе од 130 милиони евра со мега-корупциски скандал кој води директно до Трипуновски и Мицкоски и за кој нема никаква одговорност, ниту политичка ниту правна. Сега се обидува со монтирани обвинувања да дефокусира, да ја замајува јавноста и да се вади од сопствениот криминал во којшто е заглавена. Ваквите монтирани и неосновани пријави за Трајан Димковски, кој целосно ги разобличи сите злоупотреби на Министерството за земјоделство и неспособноста на оваа власт, не може да бидат никакво алиби“, велат од партијата.
СДСМ соопшти дека очекува судските органи да го следат исклучиво словото на законот и во целост да ги отфрлат овие, како што велат, неосновани и монтирани пријави за Димковски.
Според партијата, станува збор за класичен политички прогон, без правна основа и обид за замолчување на СДСМ во откривање на сите корупциски скандали на власта на Мицкоски.
„На граѓаните повеќе од јасно им е дека методите на Никола Груевски и режимските инструменти на голема врата се вратени и се применуваат. Порачуваме дека СДСМ ќе продолжи гласно да зборува и да ги открива нивните криминали а ваквите обиди ќе бидат казнети од граѓаните кои веќе ја прочитаа ова власт“, се наведува во соопштението.
Реакцијата доаѓа откако неколку медиуми објавија дека поранешниот заменик-министер за земјоделство Трајан Димковски и уште неколку лица се уапсени за злоупотреба на стокови резерви, со што го оштетиле државниот буџет за околу 780.000 евра.







