„СДС резултатите од анализите нека ги побара од својот градоначалник, ЈП Комуналец е надлежен за објавување на испитувањата“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„Нам како ВМРО-ДПМНЕ ни е јасно дека СДС многу тешко сфаќа како треба да функционира системот, бидејќи тие работат спротивно од тоа, односно противзаконски, криминално и коруптивно“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Наташа Поповиќ.

„Но, еве за граѓаните да образложиме како стојат работите во случајот со Гостивар. Прво, секоја анализа, секое испитување и негово објавување е директна надлежност на ЈП Комуналец Гостивар. Така да по ова прашање, нека се обратат до Валбон Лимани и нека му кажат да ги објави резултатите.

Второ, надлежна институција која поставува и разрешува директор на ЈП Комуналец е градоначалникот на општината, во случајот Валбон Лимани, градоначалник од редовите на СДС, ДУИ и партијата на Таравари.

Трето, дистрибуцијата на водата до домовите е исклучиво на ЈП Комуналец. Тоа што тие направиле превид во целата ситуација, а со тоа се затруле граѓаните на Гостивар, е директна одговорност на директорката, која патем е приведена.

Четврто, поради тоа што градоначалникот и локалните институции во Гостивар се неспособни, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ мораше да интервенира, и за рекорден временски период, да се исчисти водата, да се пушти првенствено водата за техничка употреба, а потоа и за пиење. Во меѓувреме, секојдневно Гостиварчани добиваа флаширана вода за пиење. Од другата страна пак, СДС донираше 0 шишиња вода за граѓаните.

Петто, по месец дена кризата со Гостивар е минато. Одговорноста треба да се преземе од страна на обвинителството и да се казнат сите оние кои имаат и најмала индиректна одговорност во случајот. Исто така, да не се заборави и за молкот на поранешните министри за здравство на СДС, вклучувајќи го и нивниот претседател Филипче, до кој стигнале преку 400 испитувања за загадена вода, а тој не реагирал ниту за една.

Да резимираме, СДС и Филипче се најмалку компетентни да говорат. Со години не реагирале, а денес само обвинуваат. Лицемерието на СДС и Филипче граѓаните го препознаваат“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top