На 17 октомври 2025 година од 19:00 часот во Галеријата на Нишки колтурен центар, во Ниш, Србија ќе биде отворена изложбата „ Секвенци од рефлексијата “ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 10 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Нишката публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 27 окомври.
„Секвенци од рефлексијата“ претставува извонредна изложба на скулпторски дела што ги повикува набљудувачите да ја истражат интеракцијата меѓу формата, светлината и сопствената перцепција. Овото визуелно искуство, благодарение на прецизната изработка и промислениот концепт, го вклучува гледачот во повеќеслојно доживување – од визуелни и оптички ефекти до сеќавања, протекување на времето и сложеноста на човечкиот ум. На тој начин, изборот на медиум, форма и концептуална длабочина ја поттикнува публиката да размислува за комплексноста на човечкиот живот.
Авторот Слободан Милошески создава дела со силна визуелна привлечност – скулптури со мазни, полирани површини и флуидни линии. Овие визуелни ефекти се потпираат на концептот што доминира во подоцнежната фаза од неговото творештво, период во кој тој ги истражува симболичките форми и нивните значења. Со ваквиот пристап, авторот ги проширува апстрактните идеи во сопствен простор на самоспознавање, елиминирајќи ги миметичките претстави на реалноста.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 36 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година, „Награда за скулптура“ доделена од ДЛУМ во 2020 година, нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура „Секвенци на рефлексија“ во Младински кулптурен центар- сите поставени во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а од 2023 година е дел од управниот одбор на друштвото. Работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што од 2025 година ја извршува деканската функција.