Во четврток, со почеток во 20 часот, во Изложбен салон Империјал 2 ќе биде отворена изложбата „Секогаш во изградба“ на Ивана Самандова и Исмаел Петроу.
„Во оваа заедничка изложба, уметниците во престој на програмата КреAрт и Исмаел Пелтроу од Клермонт-Феранд, Франција и Ивана Самандова од Скопје, ги споделуваат и врзуваат своите уметнички практики со индивидуален фокус на градот Скопје, преставен преку уметнички историјат на архитектури, временски периоди и очекувања.
Овој текст е спој на нивните заеднички и индивидуални размислувања претставени преку видеа, објекти, скулптури создадени преку мултимедијални техники. Најдените и рачно изработените дела го следат движењето кон и вон урбаното ткиво, не како туристичка мапа, туку како серија емоционални и материјални слоеви на предвоената и поствоената архитектура, каменот на старите патеки и калдрмата, бетонските фасади од брутализмот и модернизмот, слоевите на неоклацисизмот, како и празнините што остануваат меѓу нив. Градот, не е само сцена, туку жив организам што чува траги од секоја љубов, очекување, мисла, делување, градба и секоја нова или веќе прекината приказна.
Културната географија на движењето низ градот, симболичното и физичкото спуштање од Водно кон центарот, ја артикулира состојбата која ги поврзува делата во пост-тажен мир или пак ментална свежина, не во сенката на жалоста по загубените можности, туку во чудната леснотија што доаѓа од одбивање на чекањето на замислените иднини во еден град. Овие уметнички позиции не се навраќаат на минатото со носталгија, туку го осветлуваат она што останува кога очекувањата тивко се разронуваат, чудна леснотија на движењето без одредена цел и менталното талкање на можностите.
Талкањето како етичка и естетска пракса, отвора движење во неизвесни времиња, отвора начин да се остане чесен пред континуираното недовршено. Делата ги отсликуваат расцепите меѓу ветувањето и реализацијата, меѓу архитектонските проекти и секојдневните обичаи, покажувајќи како градот и неговите стари и нови состојби, како преживуваат и опстојуваат затскриените, полуизградени и изградени простори. Овој простор меѓу градбите, патеките и празнините, станува терен за емотивна географија каде што смиреноста и подвижноста коегзистираат.
Изложбата ги нуди погледите на градот Скопје од уметникот – посетител и уметницата која е жителка, град кој е истовремено е во постојана конструкција на веќе изграденото и новото, преточен како чувство и сцена на изградена нова надеж, тивки примирија и во исто време како место на очекувања, бунтовност и на слободата во движење. Во оваа состојба на „оплакана иднина“, двата уметнички гласа нѐ повикуваат да ги прифатиме талкањето и недовршеноста не како празнини, туку како единствените искрени простори во кои може да се роди ново обмислување на градот и нашата вклученост во неговата постојана изградба“, се вели во најавата за изложбата.
Изложбата е во рамки на Европскиот проект „CreArt Уметник во престој“ кој веќе седми пат се одржува во просторот на ЈУ Културно Информативен Центар – Скопје, а е финансиран од градот Скопје и Европска комисија
Ивана Самандова (1997 година, Скопје) е интердисциплинарна уметница. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2020 година, модул конзервација и реставрација, отсек сликарство. Нејзината уметничка практика се фокусира на процеси на набљудување и истражување, за кои преку интердисциплинарна уметничка практика (нови медиуми, сајт-специфик инсталации) ги истражува темите на социо-политичките контексти, преиспитувајќи ги структурите, однесувањата, динамиките на моќ и интерконекции помеѓу одредени заедници во општеството или пак, поединци.
Има реализирано пет самостојни изложби, а учествувано на голем број групни изложби. Има ко-курирано проекти и меѓугенерациски групни изложби, од кои што еден од првите е за време на нејзините студии, насловен „Пост-вистина, желба“ (2019) со Ангела Савевска. Проектот „Надминувајќи ја уметноста“ (2019-2021), ко-куриран со Ангела Витановска, Џон Блеквуд и Бојан Иванов, чиј фокус беа уметниците и уметноста во Северна Македонија во времето на Ковид-19, се реализира во групна изложба во КСП Центар – Јадро и продукција на книга за преиспитувањето на уметноста во времето на Ковид-19. Добитничка е на наградата „Борко Лазески“ за иновативни сликарски постигнувања (2021) и полуфиналистка на наградата ДЕНЕС (2024). Моментално живее и работи во Скопје.
Исмаел Пелтрoу е француски интердисциплинарен уметник. Неговата работа се движи помеѓу истражување и откривање, презентирани преку видео, перформанс, инсталација и скулптура. Тој за да ги истакне темите на кои работи, го испреплетува со неговиот живот, користејќи специфични ситуации за да се осврне на разоткривање концепти. Исмаел учествувал на повеќе на резиденции, од кои поважна е Namas за време на Литванската културната сезона во Франција во 2024 година. Настапувал во Les Laboratoires d’Aubervilliers и бил дел од кураторскиот тим за изложбата /’kœr’/core во In-Extenso. Неодамна, учествувал на изложбите Quand je ne dis rien je pense encore во ESACM и Premiere во CAC Meymac. Тој е со-основач на програмаta WorkParty, преку која организира проекции низ целиот свет, отворајќи можности за видео уметниците да ги претстават своите дела, да се запознаат и да соработуваат.







